сабота, 18 ноември 2006

Тебе, кралу, изгледа не ти е потребна жена?

Малоазиските градови во крајбрежјето им се предаваа на Македонците без отпор. Сепак, Халикарнас и Милет, двата цврсто градени и со високи ѕидови, им се спротивставија на освојувачите. Александар и нив ги зазеде на јуриш.

Опсадата на Халикарнас заврши на штета на Персијците и на нивните наемници. Жестоките борби се водеа во полето, на проломите и на ѕидовите. Последиците беа страшни: загинаа околу илјада граѓани, двапати по толку беа заробени, а градот беше срамнет со земјата. Главните војсководци, Оронтобат и Мемнон, побегнаа, а Александар и ја даде на управа целата покраина на жената Ада, според обичајот уште од кралицата Семирамида. Ада го благослови Александар и го посини во знак на благодарност.

Потоа четириесет помали града, речиси сите без отпор, паднаа во рацете на македонските освојувачи. И градот Милет, на островот, по долга опсада го положи оружјето. Неколку десетини персиски брода со целиот екипаж беа отсечени и заробени.

Меѓутоа, неочекувано и невообичаено кај владетелите од тоа време, Александар објави: секој негов војник што тргнал во војна, а неодамна се оженил или има намера да се ожени, може да појде во својата куќа да презими, па напролет да се врати во составот на војската.

Ова отсуство предизвика голема радост меѓу младите македонски војници.

И наскоро од Карија тргнаа група војници, сите весели, со песна на устите и добро настегани торби на плеќите, зашто секој од нив имаше многу можности да пљачка.

Парменион, стариот Филипов генерал, му се обрати на Александар:

- А ти, кралу?... Тебе, изгледа, не ти е потребна жена?

- Не! Не ми е потребна! - одговори Александар гледајќи го офицерот право в очи.

Парменион ги крена рамениците.

- Воздржлив си исто така - рече - во јадењето и пиењето.

- Сум - врати кралот. - Воздржлив сум...

- Зошто?

- Зашто брачната постела, јадењето и пиењето и премногу ме потсетуваат дека сум смртен...

Еден ден кралот ги повика сите офицери и почна да им дели земја во Македонија, која во свое време ја поседуваа неговиот прадедо Александар, дедо му Аминта и татко му Филип. Кој што бараше, кралот му даваше. Единствено генералот Пердика му постави прашање:

- Речиси се раздели? Што оставаш за себе?

- Надежи! - одговори Александар.

- Тогаш и јас ќе имам учество во тие надежи! - смеејќи се рече Пердика и не сакаше да прими ништо.

Таков беше младиот крал во почетокот на своето владеење. Не занемарувајќи ништо што би му користело на друг и мислејќи на сите, се занемари самиот себе.

Македонските војници го сакаа кралот Филип, но љубовта што ја покажаа кон Александар ги доведуваше до восхитување. Секој од нив сметаше за најголема среќа да загине за кралот, зашто Александар сите го сметаа за надземно суштество. Во тоа време почнаа да кружат приказни и легенди што се пренесуваа на подоцнежните поколенија.

Александар ја напушти Фаселида и држејќи се на морскиот брег ја премина Памфилија и се префрли во Писидија, за да се приближи до Дариевиот логор. Патем освои неколку града, некои принуди на покорност, многу заобиколи и влезе во областа Писада, кај највоинственото племе во источниот дел на Мала Азија. Нивниот град Сагаласа, во близина на езерото Каралис, беше важен економски и културен град. Граѓаните правеа свои пари, имаа велелепни храмови, палати, театри и гимназии.

Александар реши да го заземе градот Сагаласа. Присиѓаните, добро вооружени, му излегоа во пресрет и зафатија едно ритче згодно за одбрана.

Развивајќи фаланга во вид на крила, Македонците извршија јуриш. Но, додека челото на фалангата се тепаше со непријателот на ритчето и веќе пробиваше низ стрмнината, Присиѓаните се спуштија од височинките и со сета жестина удрија на обете македонски крила. Под притисок на нивните стрели и копја, Тракијците и Тесалците се поколебаа. Меѓутоа, елинските хоплити, одвојувајќи се од фалангата, собрани во група, ги нападнаа. Присиѓаните почнаа да отстапуваат и најпосле фатија да бегаат, оставајќи на боиштето повеќе од петстотини мртви и ранети. Лесновооружени и познавајќи го местото, варварите се извлекоа, зашто не беа во состојба да ги бркаат.

По борбата Салагаса падна во рацете на македонските војници.

Во оваа борба падна Клеандар, заповедник на македонските стрелци, прочуен како војсководец и добар советник во времето на кралот Филип. Покрај него загинаа стотина Македонци, Тракијци и Тесалци. Од Аргивлјаните не падна ни еден.

Оттаму Александар тргна да оди кон исток низ земјата Писида и многу градови, милум или силум, ги стави под своја власт. Кога дојде во Фригија, македонската војска го зазеде градот Келену, каде што некогаш Кир Помладиот имаше своја прочуена менажерија. Оттаму удри на Гордија, каде што се состана со Пармениона. Тука се собраа и оние млади Македонци на кои Александар им даде отсуство минатата есен. Со нив дојдоа неколку групи Тесалци и доброволци од Елада што ги собраа Кен, Птоломеј и Мелеагар.

Од македонскиот логор стасаа атински пратеници. Тие го замолија Александар да ги пушти на слобода заробениците што, борејќи се со Персијците, паднаа во ропство во борба кај Граник.

Кралот им одговори на пратениците:

- Атињаните и другите Елини што се борат на страната на варварите не заслужуваат внимание. Кој од вас може да тврди дека истите тие луѓе нема да кренат пак оружје против нас кога ќе добијат слобода? Тие нема да бидат слободни додека не заврши оваа војна. Ако заврши во наша корист, дојдете да ме молите за нив. Ако победат Персијците, тие ќе бидат херои.

Откако влегоа во градот Гордија, Александар се качи на тврдината за да го види дворот на кралот Гордија и неговиот син Мида. Тука беше и колата и на нејзиниот јарем јазолот што никој не можеше да го одврзе. Телмешаните, прочуени пророци и гатачи, му објаснија на кралот Александар што значи тој јазел, на кој не можеше да се види ни крај ни почеток.

Најстариот меѓу пророците, свртувајќи го лицето кон сонцето, замижа и со достоинствен глас рече:

- Кралу македонски, непобеден владетелу на непобедената војска. Пророчиштето славејќи го кралот Гордија и неговиот крал Мида еднаш засекогаш даде збор: „Кој ќе го одврзе овој јазол, ќе ја владее цела Азија“.

Александар, бидејќи ги почувствувал погледите на своите офицери, и без тоа суеверни, почна да го гледа и да го фаќа јазолот од кој не можеше да се види ниедно крајче. Најпосле, на изненадување на пророците и другите присутни, го извади мечот и го пресече преку половина јазолот. Се покажаа многу краеви. Кралот почна да ги вади и да ги извлекува и го одврза јазолот.

Најстариот пророк, Телмешанин, изненаден од чудото и светејќи со очите, сакаше да фрли клетва врз кралот. Но, гледајќи како Македонците сите до еден ги спуштија рацете на рачките од своите мачеви, ја промени одлуката, ја проголта клетвата и со благ израз на лицето му се обрна на Александар:

- Синко, ти ќе бидеш господар на Азија.

Ова, речиси изнудено пророштво, го израдува Александар и неговите офицери. Кралот, дарувајќи ги пророците од Телмеса, ја напушти Гордија и ја поведе војската во Галатија, ја стави под своја власт Пафлагонија и Кападокија и стигна во Киликија. Изморен и испотен, кралот се искапа во студена река и легна в постела.

Неколку дена македонските офицери беа крај постелата на својот крал. Меѓутоа, од четирите лекари што одеа со војската ниеден не се осмелил да се зафати за лекување, плашејќи се дека ако умре кралот, на него ќе падне одговорноста. Офицерите ги фати очај, шепотеа, се загледуваа и ги собираа рамениците. Од некаде се појави сомневање дека кралот е отруен и веќе некои почнаа да се сомневаат и да истражуваат, гледајќи се под око еден со друг. Неодамнешниот случај со Александар, синот Еропов, ги тераше да се сомневаат еден на друг, но никој не се осмели јавно да го покаже своето сомневање. Четирите лекари молчеа. Сепак, петтиот ден, кога кралот ја загуби свеста, еден од нив проговори:

- Кралот не е отруен...

- Што зборуваш? Кој споменувал отров? - се препречи Пердика. - Како ти падна тоа на памет?

- Не гледам модри ниту црвени печати по лицето на кралот - правејќи се неопитен, одговори лекарот. - Значи дека не е отруен.

Генералот, гледајќи го со малжелив поглед, рече:

- Земи ја одговорноста и излекувај ни го кралот!

- Не се осмелувам! - рече лекарот и фрлајќи уплашени погледи кон болниот, замина од шаторот.

Пердика го зграпчи за рака:

- Слушај - рече. - Ако умре кралот, ни вие четворицата нема да живеете! Ќе ве заколеме на неговиот гроб!

Лекарот, кокорејќи ги очите од страв, се повлече кон излезот и се мушна од шаторот.

Истиот ден Кен се сети дека меѓу наемниците што ги донесе од Атина се наоѓа еден лекар.

- Доведи го! Најди го! - викнаа офицерите.

Половина час подоцна под кралскиот шатор влезе лекарот Филтон. Пердика за момент се загледа во него. Потоа се удри со рацете по колениците и викна:

- Жими сите Херкулови чуда, овој е Филтон, лекарот на кралицата Олимпија!... Жими Зевса, подобар лекар да не бараме! Дали се сеќаваш на мене?

Филтон студено го погледна и одмавна со главата:

- Не! Не се сеќавам! Досега никогаш не сум те видел.

- Кога се пораѓаше кралицата Олимпија, беше присутен. Зарем си заборавил?

Неколку постари офицери, загледувајќи го лекарот, го познаа:

- Ти си Филтон! - рече еден.

- Не, јас сум Филип од Акарнанија - им одговори лекарот.

- Тогаш сличноста е многу голема... Не е можно да се лажам...

- Се лажете и ти и сите другите... Повеќепати ми се случило истото: ме викаат Филтон, а јас тој човек не го знам!

- Твојата жена е Гликера Тебанката! - рече Пердика.

- Јас не сум женет! - одговори лекарот.

- Дали се нафаќаш да ни го излекуваш кралот? - праша генералот.

- Прво да видам од што боледува.

Филтона го одведоа во другиот дел на шаторот, каде што лежеше Александар, пребледен и до крај премален. Лекарот му ја стави раката врз челото, потоа ги залепи ушите на градите на болниот и почна да наслушува.

Го прегледа болниот, го сврте настрана и помешечки, му го броеше пулсот и му го слушаше дишењето.

Пердика не трепнувајќи гледаше во лекарот, трудејќи се на неговото лице да прочита дали има спас за болниот.

Кога го заврши прегледувањето, Филтон се замисли.

- Како изгледа? - со шепотење праша генералот.

Лекарот го фати за рака и го повлече настрана.

- Ќе се обидам да го лекувам - рече. - Со помошта на Аполона се надевам дека ќе биде добро...

Пердика одмавна:

- Ако го излекуваш - рече - ќе те посипеме со злато.

- Мене не ми е потребно злато! - се насмеа лекарот. - Животот на кралот и вашата радост ќе бидат награда за трудот.

Додека Филип ги подготвуваше тревките и корењата и ги вареше, низ целата војска се разнесе глас дека се нашол лекар што се зафатил да го лекува кралот.

- Кој е? Од каде дошол?- прашуваа војниците.

- Од Акарнанија! Филип се вика...

Во очите на македонските војници светеше надеж и многумина почнаа да им даваат ветувања на боговите молејќи се да му дојдат на помош на кралот. Меѓутоа, истиот ден од Пармениона стаса писмо. Гласникот, според наредбата, му го предаде лично на кралот. Александар го прими писмото и со премалени раце ја одврза врвцата. Пердика и Кен беа покрај постелата. Кралот се поткрена на лактите и го прочита писмото.

- Што пишува Парменион?- праша Пердика.

- Ништо - одговори кралот. - Ме моли да му јавам како се чувствувам... Туку, излезете двајцата. Сакам да останам насамо со лекарот. А додека да дојде тој, малку ќе предремам.

Офицерите излегоа. Александар повторно го одвитка писмото и вторпат го прочита.

„Лекарот што се зафатил да те лекува се готви да те отруе. Парменион.“

vreme