сабота, 18 ноември 2006

Љубоморната сопруга Роксана го убила Александар Македонски?


Како умрел најголемиот војсководец на сите времиња во 323 пр.н.е. во Вавилон

Ќерката на персискиот цар Дариј Трети, наводно, го отрула Александар Македонски поради тоа што се оженил и со друга жена

Теоријата за убиство со труење беше предмет на едно испитување на лекари, токсиколози и инспектори на Скотланд јард

Од нашиот дописник Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Во историјата останало запишано дека Александар Македонски освоил две третини од цивилизираниот свет во негово време и дека ја создал најголемата империја во античкиот свет. Но, Александар умрел мошне млад на 33-годишна возраст на 13 јуни 323 година пред Христовото раѓање, а неговата смрт останува мистерија сите овие изминати векови. Според едни, тој умира од маларија, други велат дека причината за неговата неочекувана и брза смрт е стомачен тифус предизвикан од силната храна или од заболеност на неговиот црн дроб поради секојдневните баханалии.

Најновата теорија, меѓутоа, вели дека тој бил жртва на заговор што го организирала неговата прва сопруга Роксана, инаку ќерка на персискиот цар Дариј Трети, чии армии двапати тешко ги поразил. Таа го отрула Александар со еден тогаш малку познат отров што се добивал од садницата стрихнин. Ваквата теорија сега ја заговара Греам Филипс, автор на популарната историја, кој во својата најнова книга "Александар Велики, убиство во Вавилон° што од почетокот на овој месец се појави во книжарниците во Лондон.

Тој смета дека персиската принцеза Роксана не го убила својот сопруг затоа што ја освоил и покорил Персија, туку од обична женска љубомора, во знак на одмазда затоа што Александар се оженил и со друга жена, или можеби поради дрското однесување (спрема неа) на Хефестион, хомосексуалец и љубовник на нејзиниот сопруг за кого се знае дека, исто така, умрел под мистериозни околности. Филипс верува дека обајцата пред да умрат страдале од истите симптоми за кои се знае дека ги предизвикува отровот познат како стрихнин, а Роксана била во најблиското опкружување на Александар која знаела за смртоносните својства на садницата стрихнин.

Филипс вели дека она што се знае малку е дека с? почнало на одбележувањето на годишнината на смртта на Хефестион, што Александар наредил да се организира во Вавилон, културен центар на тогашниот свет. Римските историчари, повикувајќи се на записи од Александрово време, запишале дека младиот император паднал болен со тешки болки кои траеле с? до неговата смрт, шест дена подоцна. "Почетните симптоми биле неспокојство, треперење, болки и вкочанетост во вратот, проследени со остри болки во стомакот°, објаснува Греам Филипс во својата книга. Ситуацијата се влошувала со секој нов ден, проследена со треска и делириум, како и со халуцинации кои Александар ги имал во деновите додека се борел за својот живот, а во завршната фаза не можел да зборува и да ги движи рацете и главата. Непосредно пред да умре тој паднал во длабока кома од која никогаш не се освестил.

Еден токсиколог од Универзитетот во Калифорнија му објаснил на авторот на книгата Филипс дека сите опишани симптоми се типични за стрихнинот кој се знае дека ги разорува нервите што ги контролираат мускулите на телото. Стрихнинот во тоа време не бил познат на Запад и во неговата родна Македонија, бидејќи е откриен и донесен од садници што Александар и неговите војници ги сретнале во долината на реката Инд, до каде што стигнале во своето настапување на Исток, две години пред неговата смрт во Вавилон.

Сега се објаснува дека сопругата Роксана, која патувала до долината на Инд со својот сопруг и неговите војски, се заинтересирала за локалните обичаи на луѓето со кои дошле во контакт и притоа дознала дека локалните свештеници го користеле стрихнинот во мали дози за предизвикување духовни халуцинации кај луѓето. "Роксана била единствената која знаела нешто повеќе за новото растение што го донеле од долината на Инд и знаеле дека во поголеми дози стрихнинот е мошне опасен°, вели Филипс кој затоа смета дека таа е виновна за смртта на Александар Македонски.

Професорот Робин Леин Фокс од Универзитетот во Оксфорд, кој бил и советник на режисерот Оливер Стоун при снимањето на филмот за античкиот војсководец и император, се сомнева во оваа теорија. Тој вели дека ако некој сакал да го убие Александар на врвот од неговата моќ, кога под себе имал многубројни народи од светот од тоа време, тој ќе морал да го направи тоа веднаш и брзо, а не да ризикува со бавна смрт и со труење, затоа што тоа би предизвикало сомневање и би укажало на виновникот. Професорот Фокс смета дека светот сў уште не знае како умрел Александар и кој го убил (ако е навистина убиен). "Не треба да се заборава дека младиот император имал многубројни рани од битките, дека носел со себе болести од патувањата, а водел исклучително бурен живот, пиејќи по цели ноќи°, вели професорот Фокс, кој претпоставува дека Александар Велики можеби бил погоден од некоја тешка и тогаш неизлечлива болест.

Теоријата за убиство со труење беше предмет на едно долготрајно испитување на лекари, токсиколози и инспектори на Скотланд јард кои за една лондонска ТВ-станица заклучија дека античкиот јунак е отруен, но не од сопругата, љубовникот Хефестион или во заговор од своите политички противници во Македонија кои сакале да го тргнат од престолот, туку не сакајќи во текот на лекувањето од болестите што ги имал му додавале с? поголема доза од "лекот° и на тој начин го отруле неговите лекари и слуги кои му биле исклучително верни. Тоа значи дека труењето со "непознат лек°, што Филипс го именува како стрихнин, е присутна и во двете теории за смртта на Александар, со таа разлика што сега се вели дека во прашање е убиство од љубомора.

Во секој случај, светот на Запад како одново да му се врти на ликот и на она што го направил Александар Македонски (овде се нарекува Велики) за што зборува и решението во Холивуд да се снимаат два филма за него едноподруго. Филмот на Оливер Стоун со Колин Фарел, како Александар, и Ентони Хопкинс се очекува да се појави идниот месец, а верзијата на режисерот Баз Лурман со Леонардо ди Каприо е најавено да почне да се прикажува во текот на 2006 година.

Деновиве Би-Би-Си ја прикажува серијата репортажи за земјите под Хималаите, па во тие рамки екипата се најде и во областа Калас во Пакистан каде што се смета дека живеат луѓе што се директни потомци на војниците од војските на Александар Македонски. Притоа, локалниот водич објаснуваше дека постојано ги прашуваат што се тие и обично се заклучува дека сме Грци, според она дека Александар наводно бил Грк, но сега ни велат дека сме Бугари! Човекот не кажа кој им ја продавал таа теза, ниту пак авторот на репортажата се заинтересира за тоа, но и двајцата се изнасмеаја на нивната судбина некој постојано да им лепи етикета за нивното национално потекло. Тие знаат само дека не се ниту Пакистанци, ниту Авганистанци, а никогаш не преминале ниту во исламска вероисповед.

utrinski vesnik