сабота, 18 ноември 2006

ЕТНО-КУЛТУРНИТЕ ВРСКИ МЕЃУ АНТИЧКИТЕ И ДЕНЕШНИТЕ МАКЕДОНЦИ

Подготвила: Милева ЛАЗОВА

Во книгата се предадени и разликите помеѓу Македонците и Хелените, како и историски документи, кои го потврдуваат постоењето на потомците на античките Македонци во Македонија и во Средниот век.
Авторот Донски наведува дека постојат голем број обичаи, обреди и народни верувања кои останале уште од античките Македонци среде Македонците во XIX и XX век.
Деновиве во издание на Центарот за културна иницијатива од Штип од печат излезе најновата книга од историчарот Александар Донски под наслов "Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел - фолклорни елементи)".

Книгата нуди неодбранливи докази за античко-македонското етно-културно наследство во денешната македонска нација. "Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел - фолклорни елементи)" е резултат на повеќегодишната истражувачка работа на авторот на полето на докажување на етно-културните врски помеѓу денешните и античките Македонци.

За силата на овие аргументи од областа на фолклорот сведочи и нашиот врвен фолклорист д-р Трпко Бицевски, кој е директор на Државниот институт за фолклор "Марко Цепенков" од Скопје, а воедно е и рецензент на книгата.

МАКЕДОНСКА ИСТОРИОГРАФИЈА

Во книгата се среќаваат интересни податоци за кои досега не се зборуваше во нашата јавност, а кои јасно ги докажуваат етно - културните врски помеѓу античките и денешните Македонци. Така на пример, во книгата е запишано дека во македонската историографија за време на југословенското едноумие тенденциозно беше запоставувана античко -македонската историја. Во бројни историски книги античките Македонци не беа ниту спомнати! Понатаму Донски потсетува дека денешните Македонци антрополошки се разликуваат од старите Словени. Тој го споменува византискиот историчар Прокопие, кој јасно ги опишал старите Словени како високи и развиени луѓе. Прокопие пишува и дека сите до еден биле русокоси и дека помеѓу нив немало ниту еден со поинаква боја на косата. Јасно е дека денешните Македонци имаат сосема поинакви антрополошки особини, што значи дека не можат да бидат чисти потомци на старите Словени. Постојат јасни византиски сведоштва според кои во VIII век од Македонија биле иселени огромен број Словени. Можеби за прв пат ќе ги сретнете овие автентички сведоштва кои во нашата историографија не беа многу популаризирани. Ни Словените не биле заткарпатски народ, туку потомци на античкиот народ Венети (споманти уште од Хомер, а потоа и од Херодот како балкански народ) - факт што од неодамна е внесен и во историските учебници во РМ. Во книгата се предадени и разликите помеѓу Македонците и Хелените, како и историски документи, кои го потврдуваат постоењето на потомците на античките Македонци во Македонија и во Средниот век.

Донски пишува дека во македонскиот фолклор постојат голем број песни, приказни, легенди и преданија со античко - македонска содржина регистрирани уште во XVI, XVIII, XIX и XX век. За некои од нив сведочеле и странски патеписци кои ја посетувале Македонија. Содржините на некои од овие творби фрапантно се поклопуваат со историските настани. Така на пример, во една народна песна за Александар Македонски (запишана во XIX век) јасно е посочена маларијата како болест од која Александар умрел, иако овие податоци добија научна потврда дури на крајот од XX век.

Во македонскиот фолклор постојат бројни македонски народни творби за некои од античко - македонските владетели. Постојат и одредени фолклорни елементи (посебно во приказните), кои несомнено влечат корени од времето на античка Македонија. Такви се: мотивот со лавот (кој и навистина живеел во времето на античка Македонија и затоа е толку застапен во македонските народни приказни, но и во хералдиката); царот со рог (приказна посветена на Александар Македонски); рисот; филозофот; мотивот со тројцата браќа (преземен од Херодотовата приказна за настанокот на македонската држава); култот кон водата; верувањето во гавранот како кобна птица и во орелот како победоносна птица и други. Сето ова аргументирано е објаснето во книгата!

АНТИЧКО-МАКЕДОНСКИ ФОЛКЛОР

Интересен е и податокот според кој браќата Миладиниовци во XIX век запишале предание за настанокот на Воден, кое целосно се поклопува со историскиот опис на античкиот историчар Јустин, иако овој историчар ни денес не е преведен во Македонија.

Донски наведува дека постојат голем број обичаи, обреди и народни верувања кои останале уште од античките Македонци среде Македонците во XIX и XX век. Така на пример, Херодот пишува дека на веселбите во античка Македонија мажите седеле одделно од жените. Овој обичај кај нас е евидентиран и од запишувачите на македонски народни умотворби од XIX и XX век, па дури е останат и до денес. Од античките Македонци ни останал и обичајот на кршење леб за време на свадбените обичаи, кој е спомнат од биографот на Александар Македонски, Квинтиј Куртиј Руф. Од античките Македонци се задржало и третирањето на машкиот појас од народната носија како симбол за машкост (кое го запишал Аристотел, а исто такво верување е регистрирано и во XIX век). И подарувањето прстен на наследникот (пред умирачка) е обичај регистриран кај античките Македонци што останал до денес, а така е и со стрижењето на косата за време на голема жалост. Дури и античко - македонскиот обичај за избор на крал (што се одвивал преку масовен собир на војската и избор со акламација) останал среде Македонците од XIX век како обичај за избор на селски старешнина. Античко-македонски елементи постојат и во прославите на празниците: Лазара, Ѓурѓовден, Руса Среда и Прочка. Античко-македонски елементи се регистрирани и во денешните македонски додолски обичаи, кои се вршат за повикување на дожд. Од античките Македонци останало и верувањето во магиската моќ на змијата; потоа неколку погребни обичаи и друго. Сето ова детално е елаборирано во книгата!

Во македонските народни умотворби регистрирани во XIX и XX век се забележуваат и огромен број елементи од античката митологија, позната во светот под името "Грчка митологија". Во книгата се застапени податоци, кои досега не се објавени во Македонија, а кои претставуваат несоборливи докази за негрчкиот карактер на оваа митологија. Така, на пример, врз основа на педантни истражувања докажано е дека над 80 отсто од сите досега познати антички и средновековни автори на делата посветени на оваа митологија - воопшто не биле Грци! Но, тоа не е се. И најголемиот дел од ликовите спомнати во нејзините митови немале грчко потекло! Поради тоа Донски се прашува: како може тогаш оваа митологија да биде "грчка", кога ниту нејзините најзастапени автори не биле Грци, ниту пак најголемиот дел од ликовите спомнати во неа имале грчко потекло!?

Во античката митологија огромен придонес имале и античките Македонци. Во книгата застапени се изјавите од светски авторитети кои тврдат дека музите биле македонкси божества (митолошки ќерки на легендарниот македонски крал Пиер). Македонско потекло имал и богот Дионис, а македонско потекло имал и легендарниот крал Орфеј (кој бил роден и убиен во Македонија). Македонец бил и еден од лапитите, како и еден од аргонавтите на Јасон. Македонците имале и други свои божества.

Постојат бројни мотиви во македонскиот фолклор наследени од античката митологија. Такви се: мотивот за самовилите (наследен од мотивот за античките менади); мотивот за персонализација на сонцето и небеските тела; мотивот за позлатување со допир; мотивот за ламјата и за змејот; мотивот за персонализација на судбината, среќата и смртта; мотивот за бог престорен како старец; мотивот за јуначките подвизи на Крали Марко (кои се поклопуваат со јуначките подвизи на Херакле), мотивот за подземниот свет; мотивот за метаморфозите и многу други. Во книгата се изнесени паралелни прегледи на овие мотиви од македонските приказни и песни со соодветните мотиви од легендите од античката митологија, при што јасно се забележува нивната идентичност. Ова значи дека огромен дел во денешниот македонски фолклор е наследен од античката митологија, која била практикувана токму од античките Македонци!

Голем број Македонци од XIX и XX век (наспроти жестокиот притисок од странските пропаганди) себеси се декларирале како директни потомци на славните антички Македонци. Сведоштва за оваа појава имало и кај странските патеписци кои престојувале во Македонија. Артикулации за прифаќање на античко-македонското етничко потекло имало дури и во ВМРО на Ванчо Михајлов, како и во редовите на МПО!

На крајот од книгата ги читаме имињата на оние кои финансиски го помогнале нејзиното излегување преку предвремен откуп. Камо да има повеќе наши сонародници од дијаспората и од РМ, кои ќе финансираат книги за македонската историја, како што се Трајче Т. Трајковски од Перт (главен организатор на акцијата за собирање средства за оваа книга во Австралија), Марко Велески од Словенија, Златко Миленковски од Германија, Сотир Пастенаров од Скопје, Џон Тодоровски од Холандија, Петер Ристевски од Сиднеј, познатото скопско студио "Рок енд Рол" и други.

Книгата има 250 страници А5 формат. Може да се набави по цена од само 300 (триста) денари. Нарачки на телефон (032) 393 175 или на е-маил: adonski@mt.net.mk., како и во редакцијата на "Македонско сонце". За во светот цената на еден примерок е 10 ЕУР. Во цената е вклучена и поштарината. Оваа книга засега не се продава по книжарниците.

[*]