сабота, 18 ноември 2006

Коски на клада

Кога Александар Македонски дошол со својата војска во Вавилон, Вавилон дејствувал шокантно врз Македонците. Престолнината на староперсијците се разликувала од сите дотогашни сознанија на гордите освојувачи. Александар, по победата на реката Ис, не го освоил Вавилон со директна борба, туку по испраќање свои гласници, пред Вавилон бил пречекан од свештеници и чиновници кои му посакале добредојде со скапоцени подароци и сместување во луксузните одаи на висечките градини на Навукодоносор. Александар не се задржал долго во таинствениот Вавилон, бидејќи го прогонувал поразениот, с? уште жив, персискиот цар Дариј. По Вавилон, го освоил и го запалил Персепол и во клисурата Касписка Врата, на Сината Планина, го досегнал Дариј, мртов, убиен од своите офицери...

Кога Александар Македонски од Индија се враќал назад, пред да влезе повторно во Вавилон, бил пречекан од пратеништво на свештениците од храмот на Мардук (Куруш) кои церемонијално му соопштиле да не влегува во Вавилон. "Зошто?", се зачудил освојувачот со титулите - "Александар Трети - крал на Македонците", "Полубожествен врховен владетел на грчките градови", "Божествен фараон на Египет", "Сојузник и господар на јонските пристаништа", "Целосен господар на феникиските градови и флоти", "Заштитник на високото свештенство во Јудеја", "Врховен господар на Магите во Персија", "Пријател на раџите во Пенџаб и во Индија"... Според Плутарх, Магите му одговориле дека ќе го снајде лоша судбина ако влезе по втор пат во Вавилон. "Вашето пророштво е само претпоставка", им одговорил и влегол по втор пат во Вавилон, бидејќи го означил како престолнина на своето царство.

Во Вавилон Александар бил вознемирен од чудна смрдеа. Објаснувањето било дека неподносливата реа доаѓа од коски што горат на клада. Коски од луѓе! Прецизното објаснување било дека некои луѓе, и по нивниот закоп, воопшто не се ослободуваат од кривичната одговорност за која се обвинуваат, туку се судат и по нивната смрт.

Ако се пресуди дека се виновни, се откопувале и коските им ги гореле на клада!

Овој феномен денес е несфатлив, како форензично така и етички, бидејќи повеќето теолошки догми прифаќаат етички постулат дека човечката смрт е мирско искупување за сите негови гревови направени во животот. Наједноставно искажано, смртта на обвинетиот како загуба на неговиот физички ентитет е доволен факт да се прекинат сите земни иследувања и казни за неговите животни гревови. Во неговата вечност, некои други духовни ентитети ќе му пресудуваат и ќе го сместуваат во одредени духовни институции ( рај и пеколот). Секако, црквата низ вековите ги развила, дури и ги усложнила системите на покајување и искупување на гревовите (лукративните индулгенции, т.е. средновековните потврди дека е платено на црквата за откуп на гревот), а законодавстото, врз етичко-конфесионално оправдување, го формирала системот на застарување на кривичното дело.

Александар Македонски, кој живеел триста години пред појавата на христијанство и бил политеистички космогон, бил вчудовиден од овој феномен. Веќе запознал и повеќе други богови од други религии кои не дозволувале казнување на веќе мртвите луѓе. Неговиот конфесионален татко-бог Ѕевс тоа не го дозволувал, Јехова на семитите исто така, уште помалку богот Индра на Индијците. Но, вавилонците имале комплициран божествен систем: Врховен бог Бел на небото и Митра, божество кое од небото се спуштило на земјата. Подоцна, во христијанството, повеќе пати се јавувале верски секти кои го величеле култот на Митра, не само според крволочноста на своите иницијални обреди, туку и поради негување на култот на сатаната, и секако, од христијанските цркви биле анатемисувани и жестоко уништувани.

Не сакам да коментирам дали треба или не треба да постои застарување на кривичното дело и по смртта на обвинетиот, бидејќи тоа денес е очигледна цивилизациска придобивка во етиката, религијата и правната наука и практика во целиот свет. Но, останува да лебди виртуелна етичка дилема - дали харизматичните лидери треба да се подложат на евидентна етичка казна и по нивното физичко непостоење? Примерот со Александар Македонски е повеќе од предупредувачки...

Александар, по неполн месец, неочекувано умрел во палатата на Навукодоносор. Повеќе записничари причината за неговата смрт ја наоѓаат во маларијата или во сифилисот. Магите тврделе дека тие го отруле оти бил виновен за неброени човечки страдања и животи во текот на освојувачкиот поход низ целиот Екумен (тогашен свет), но никој не ги сфатил сериозно...

Александар во Вавилон бил подложен на мумифицирање, бидејќи бил сметан за божествен фараон. Мумифициран, сместен во огромен камен саркофаг, два месеца бил заѕидан во Вавилонскиот амфитеатар додека неговите наследници одлучувале каде ќе биде закопан. Потоа, неговиот саркофаг бил положен врз огромна воловска кола и во поворка следена од неговите војници пренесен до неговиот гроб. Денес најголема археолошка сензација би било пронаоѓањето на неговиот гроб. Дали гробот на Александар Македонски е во Вавилон, во Мемфис, во Александрија на Нил, во Пела или...?!

Постои една чудна верзија, која можеби објаснува зошто с? уште не е откриен гробот на Александар, верзија која не се прифаќа од најголем број историчари. Таа верзија вели дека вавилонските Маги, по само ним знајни тајни ходници, влегле во заѕиданиот амфитеатар во Вавилон и неговите коски ги запалиле на клада...

utrinski vesnik