сабота, 18 ноември 2006

Култните бронзи и нивната древна цивилизациска вистина

Македонските бронзи големи сведоштва за културата на оваа почва
Никица Корубин

Во секоја земја историјата го прикажува својот цивилизациски континуитет, постојано, вистинито и секогаш доволно провокативно за преиспитување на ставот кој во суштина не постои. Во таа историја, во таа апсолутна категорија, во таа незамисливо возбудлива сфера на минатото, непоимливоста на богатата и совршена култура, е далеку над секоја можност за нашето разбирање на нејзината големина. Бидејќи нашата сегашност е секогаш доволно силна негација на сопствениот континуитет, на своето минато, а поединечни делови од таа сегашност, изгледа засекогаш заслепени од големината на сопственото длабоко незнаење. Но, ионака вечноста не ја познава површната сентименталност, нејзината духовност е над секоја миговна појавност. Таа е светлината која не води до нас самите.

Железното време (10-6 век п.н.е.) е само еден период во историјата на Македонија. Пред него култура, после него култура. Период кога некои работи можеби стануваат појасни од аспект на денешна археолошка истраженост на овој период и оваа територија. Ставот кон археологијата и нејзината позиција кај нас е се уште недозволено низок за да се донесуваат било какви радикални заклучоци или да се поставуваат конечни теории, ако воопшто поимот на конечност во историјата е одржлив. Но, сепак степенот на истраженоста е доволен за да можат да се прават претпоставки и толкувања, земајќи ги притоа во предвид сите можни аналогии кој ќе помогнат во разрешување на клучните елементи во развитокот на нашата историја. Притоа никогаш не заборавајќи ја предноста на археологијата како наука која можеби е најобјективна во смисла на несоборливост на нејзините факти. Но, правилното толкување и поврзувањето на нештата е она што ја прави историската вистина.

Токму за овој период се карактеристини разновидните бронзени предмети, кои денес во науката се нарекуваат Македонски бронзи. Името го добиваат според територијата на нивна распространетост и наоѓање, што само по себе го одредува и нивното етничко потекло. Станува збор за разновидни предмети, со различна намена, вистинско богатство на форми, симболи и со сложена и креативна суштинска основа. Во оваа широка група на македонски бронзи влегуваат предмети со утилитарна намена, значи за практична употреба во секојдневниот живот (фибули и игли за прикачување на делови од облеката, копчи, појасни гарнитури), потоа предмети кои имаат украсна намена (игли-укосници, наушници, белегзии, торквеси, прстени, ѓердани) и предмети кои имаат култно, длабоко религиозно значење и кои се одредуваат како култни бронзи поради својата претпоставена намена (предмети во форма на афионови чашки, на мали садчиња-бокалчиња, на птици, на конскекративни рогови, на ажурирани топки, на кружни плочи, на сложени облици кои формираат композитни предмети), но и на уште неколку други форми, на кои науката се уште не им го открила вистинското значење, а уште помалку можната употреба. Токму оваа група на предмети од поширокиот термин Македонски бронзи, го носат името Македонски/Пајонски култни бронзи, и постојано го свртуваат своето внимание поради невообичаените форми и начинот на кои биле употребувани. Нивната употреба е од втората половина на 8-от век п.н.е. па се до 6-от век п.н.е.

Она што е од посебно значење кај сите овие предмети е начинот на кој се изработени, техниката и технологијата на обработката на бронзата како легура од која се изработуваат. Токму тука се огледа нивната совршеност, умешноста на мајсторите кои обликуваат чудесни форми, одраз на верувањата, на животот и вечноста на една голема цивилизација. Навистина, воодушевувачка е нивната бројност и присутност во погребувањата од периодот на железното време. Сето тоа индицира на постоење на специјализирано производство на предмети, што е вистинска реткост за периодот на нивното постоење, но и гледано во пошироки регионални рамки, во светот на големите егејски и медитерански цивилизации чиј составен дел е и територијата на Македонија во тоа време.

Можеби најпровокативниот момент во нивното восприемање и анализа е нивната длабока симболика, присутна на повеќето од формите на македонските култни бронзи. Тука се среќаваме со разновидна, но нималку случајна симболика, која не води до многу постари и древни периоди од историјата, симболика која говори за верувањата на нашите предци и нивното длабоко филозофско и духовно спознавање на сите аспекти на животот и смртта, нивниот непрестан тек, самиот круг на вечноста. Симболот на сонцето е присутен, базичен симбол на Македонија, на народот кој секогаш живее доволно близу до него, за засекогаш да го прими во својот дух и секогаш да го пренесува до денес и секогаш. Присутни се и други симболи кои имаат религиозно значење, како што се афионовите чашки, малите бокалчиња со форма кои ја следат формата на керамичката продукција од тоа време, малите приврзоци во форма на птици; и чија симболика и употреба ја става Македонија во редот на големите медитерански цивилизации со култови и божества присутни на еден поширок регион, и чие потекло е се уште една голема енигма за науката; Дионис, Аполон, Зевс . . .

Македонските култни бронзи се вистински показател за големината на културата на тлото на Македонија во протоисторијата, одредница за богатсвото, знаењета и содржината на народот кој знаел да го живее денот и мигот, секогаш до боговите, секогаш на чекор до вечноста. Со познавањето на сите аспекти на тој циклус на постојани стравови, тешкотии, на магичен спој со природата, на доблесни и големи луѓе кои не се плашеле да го спознаат секој непознат дел, од својот свет на мрачно подземје и сјајни сончеви горски врвови, одејќи по богатие полиња на својата секојдневност. Македонските бронзи во сиот тој животен циклус се дел од целокупниот начин на живот, на соочување со смртта-која денес се огледа преку начинот на погребување и сите приложени шредмети при тоа, оружје, керамички садови, тореутички производи, орудие, златен, сребрен раскошен накит, и сите овие прекрасни бронзени предмети. Живот за кој во одредена мерка дознаваме и од сите познати пишани извори од периодот на Хомер, па натаму кои во секој момент ги познаваат Македонците/Пајонците како високо цивилизиран народ кој живее на ова тло.

Во оваа чудесна археолошка таинственост, во оваа магична земја, светлоста на сонцето секогаш ќе биде силна за да не увери, нас сопствените деца во својата големина. Ние кои никако да поверуваме во тоа што сме. Прекрасната пајонска свештеничка ни ја дарува и нас на своите деца, тајната на убавината на животот, на слободното достигнување на сите состојби на сопствениот живот. Заедно со песните и музиката на оние што тоа најубаво го прават, Пајоните-Пеаните.

[*]