сабота, 18 ноември 2006

Европа ја живее визијата на Александар Македонски

Васил Тупурковски, и покрај обемните политички и педагошки активности, последните четиринаесет години интензивно се занимава и со истражување на феноменот Александар Македонски, што резултираше со повеќе изданија за античкомакедонскиот период. Иако не е историчар, како што нагласува, голем дел од неговата посветеност на оваа тема била испровоцирана од молкот на македонските историчари, кои како да стравуваат отворено да проговорат за овој чувствителен период од нашето историско минато.

Што го прави Александар толку голем што историската фигура ја претвора во митски лик на кој антиката му придаде и божествени атрибути?

- Како ретко кој во историјата, Александар Македонски осмислувал и вршел длабоки трансформации на сите општествени состојби во една извонредно значајна историска епоха. Тој импресионира со својата платформа за пацификација на светот поради негово културно, економско и развојно поврзување. Неговиот космополитизам убедливо зборувал за почитта што ја негувал за сите народи, за нивните културни и конфесионални дивергентности, со што неговата мисија станува вистински историско вредносна. Во овој контекст, трајни историски димензии има неговиот конкретен однос кон светот низ анулирањето на неговите поделби што на различни начини биле важечка културна и социјална доктрина, на пример, на грчкиот свет и на Персија. Така, на пример, за грчкиот свет негрчкиот свет бил варварски и инфериорен. Персија, пак, сметала дека го има потенцијалот да го доминира античкиот свет. Ваквите појави зборуваат за склоности кон самоизолација и за тенденции за поставување на сопствените интереси како експлоататорски и деградирачки за други народи и системи. Ваквата содржина на политичката, идеолошката и културната платформа не се ексклузивна сопственост на грчкиот свет и на Персија, ниту пак само на античкото време, туку се spiritus movens за крупни меѓународни фактори во целата историја на човештвото.

По што се разликува односот на античкомакедонската кралска лоза во однос на ова прашање?

- Походот на Азија, на пример, бил објективно една монументална еманципаторска акција што придонесувала да се видоизменат основните карактеристики на меѓународните односи и да се постават врз квалитетно нови позитивни основи. Во овој домен, изолацијата на грчкиот свет, која ја стимулираа како Филип Втори, така и Александар, како и уривањето на Персиската Империја, треба да се разберат како неопходни мерки што овие македонски кралеви ги преземале за да не се загрози процесот на создавање свет на рамноправни народи, способни и заинтересирани својата иднина и напредок да ги обезбедуваат низ развој на заемно корисни односи и соработка во најшироката меѓународна заедница.

Александар верувал во супериорноста на глобалната комуникација и поврзување. Тој бил убеден дека постојат општоисториски вредности како што се мирот, слободата, економскиот напредок и хармоничните меѓународни односи. Народите во целиот свет и низ целокупниот историски процес се идентификуваат со ваквите идеали. Во секоја историска епоха, без исклучок, овие генерални вредности се карактеристични за аспирациите на народите и за обичниот човек. Токму поради тоа, не изненадува фактот дека историската личност на Александар добива митски атрибути. Тој, всушност, е гласноговорникот на соништата на народите и на луѓето за подобар живот.

Од денешен аспект како изгледаат Александровата мултикултурна визија на светот, неговите свадби на Истокот и Западот и желбата за почитувањето на различностите на сиот тој конгломерат од народи што ги освоил?

- Практично, се што преземал Александар зборува дека приоритетите на македонскиот крал биле култивирање на односите во целокупната меѓународна заедница во правец на нејзино консолидирање, што се базира врз толерантност и коегзистенција на различни национални, расни и конфесионални субјекти. Во кревањето на нивото на заемната толерантност, гледал како на важен дел во решавањето на проблемите на војната и на мирот.

Тој ги почитувал религиозните обичаи и божествата на немакедонските народи, поставувал припадници на разни националности на највисоки државни функции, војската ја трансформирал во повеќенационална вооружена сила, додека пак, системот на власта максимално се трудел да го приспособи на афинитетите на локалното население. Сето ова може аргументирано да се третира како фактор на хармонизација на вкупните општествени односи.

Во оваа смисла, Александар, меѓутоа, мирот не го сфаќал како цел за себе, туку во стилот на татко му, Филип Втори, гледал на него многу пошироко, а во секој случај, како на инструмент на светскиот развој и општиот материјален и духовен просперитет. Токму во овој домен, походот на Азија имал извонредно важна улога во воспоставувањето интензивни економски и трговски врски внатре во Азија и на релацијата Европа-Африка- Азија. Александар оспособувал копнени и поморски врски, при што, тоа не го правел за по нив да се движат неговите војски, туку стоките, луѓето и духовните идеи. Тој знаел дека меѓусебната комуникација е решение за предрасудите и поделбите и затоа се трудел походот да биде стимулативен за сите видови културна, духовна и материјална размена.

Зар не е повеќе од јасно дека неговите убедувања, а особено неговиот конкретен опус имаат трајна важност? Неговото дејствување е цивилизациско и културно. Немам никакви дилеми дека во неговите погледи може да се пронајде фиктивна платформа за надминување на длабоките проблеми на нашата земја.

Постојат неколку различни портретирања на Александар Македонски. Кое Ви се чини повеќе автентично: она што го претставува како суров освојувач или како романтичар придвижен од желбата да го види крајот на светот. Или станува збор за суптилен микс на двете?

- За разлика од татко му Филип Втори, кој бил изразени реален и прагматичен водич, наполно оддаден на интересите на Македонија, Александар бил идеалист. Неговата религиозност и карактерна црта на месијанство ја помагале неговата склоност кон идеализирање. Тоа, меѓутоа, не би смеело да му се препише како хендикеп. Неговиот инхерентен идеализам не ги игнорирал интересите на Македонија, туку настојувал да ги вклопи во најшироки светски рамки. Без неговиот идеализам ние би биле лишени од неговиот грандиозен проект за таква меѓународна заедница што ќе промовира рамноправност, заемно корисна соработка и напредок на сите во светското семејство.

Се разбира, Александар во традицијата на татко му Филип Втори, секако е еден од најголемите воени команданти во историјата. Погрешно е, меѓутоа, Александар да го дефинираме исклучиво преку освојувачката димензија. Тогаш не сме го разбрале. Комплексноста на неговата личност, неговите уверувања и неговото дејствување што попримило историски димензии, јасно укажува дека неговиот воено-стратегиски и воено-тактички капацитет биле огромни, но не се доминантна експликација за трајните историски вредности на делото на Александар.

Дали квалитетите на политичките лидери се универзална категорија, заедничка за сите историски епохи или секое време исфрла на површина некоја друга предиспозиција? Што требало да поседува еден антички владетел, а што поседуваат денешните политички предводници на народите?

- Филип Втори и Александар најнепосредно ги предводеле јуришите на македонските војски. Тие лично се грижеле за семејствата на секој паднат македонски војник. Тие безрезервно ја почитувале волјата на Собранието на Македонците. И тие, секако, правеле се за просперитетот на својот народ.

Дали се тоа универзални квалитети за сите времиња кога се во прашање политичките лидери? Секако да. Дали се тие карактеристични за нашите политички лидери во нашево актуелно време? Сосема евидентно и за жал, не.

*********


Гласноговорник на соништата за подобар живот
Александар верувал во супериорноста на глобалната комуникација и поврзување. Тој бил убеден дека постојат општоисториски вредности како што се мирот, слободата, економскиот напредок и хармоничните меѓународни односи. Народите во целиот свет и низ целокупниот историски процес се идентификуваат со ваквите идеали. Во секоја историска епоха, без исклучок, овие генерални вредности се карактеристични за аспирациите на народите и за обичниот човек. Токму заради тоа, не изненадува фактот дека историската личност на Александар добива митски атрибути. Тој, всушност, е гласноговорникот на соништата на народите и на луѓето за подобар живот.

********


Александар е син на овој простор
Може ли со сигурност да се дефинира етничката припадност на овој антички владетел?

- Рационалниот одговор е дека тоа не е најбитното. Објективен е фактот дека Александар е син на овој простор што денеска ние го споделуваме со соседните народи. Според тоа, наместо шовинистичкиот и ненаучниот став дека нешто е ексклузивно „наше" или „нивно", убаво би било да се еманципираме во правец на прифаќањето на единствено исправната формула дека историјата на нашиот простор им припаѓа на сите народи на овие простори.

Јас, на пример, верувам не само дека тоа е можно, туку дека тоа би ни помогнало да направиме пресврт од агониското живеење кон надежта и кон поквалитетно живеење како наше право.

vreme