сабота, 6 јануари 2007

Подводниот град ми го открија три колци

НУРКАЧОТ МИЛУТИН СЕКУЛОВСКИ РАСКАЖУВА КАКО ЈА ПРОНАШОЛ НАКОЛНАТА НАСЕЛБА ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО
За време на рутинско нуркање, искусниот охридски нуркач Милутин Секуловски во 1997 година сосема случајно ја открил подводната населба кај Градиште, во близина на Пештани. Три колци покриени со трева и еден ќерамички сад биле првите знаци дека на дното од Охридското Езеро се крие многу вреден археолошки локалитет. Подоцна, врз основа на извадените предмети, археолозите утврдиле дека се работи за наколна населба од бронзениот период. Локалитетот е наречен Миќов град, за кој Владата пред извесно време најави дека ќе го реконструира.

"Кога пролетта 1997 година влегов во водите на езерото кај Градиште, воопшто не помислив дека тој ден ќе го памтам засекогаш. На длабочина од неколку метри најпрво забележав еден дрвен колец, а потоа уште два. Малку подлабоко наидов на ќерамички сад. Бев возбуден, претчувствував дека дека на езерското дно се крие нешто значајно. Садот му го однесов на археологот Паско Кузман, кој пред тоа ми кажуваше дека рибарите во овој дел од крајбрежјето фатиле ќерамички предмети во своите мрежи. Кузман ми рече: 'Ова е прастара наколна населба'. Така започнаа истражувањата на археолошкиот локалитет кај Градиште", кажува Милутин Секуловски.

Откривањето на подводниот град се држело во тајност, бидејќи постоела опасност нестручни лица да го опустошат. Ловците на скриено богатство поседувале и најсовремена нуркачка опрема. Сепак, влегувањето на голем број нуркачи од охридскиот клуб во езерото не можело да се скрие. Археолозите најавиле дека кај Градиште лежи богат археолошки локалитет од бронзениот период.

Набргу Секуловски и уште дваесетина нуркачи од клубот за подводни дејности "Охрид" завршиле курс за подводна археологија. Научиле како да ги откриваат предметите, како да ги обележуваат, да ги чуваат, да ги фотографираат. Од откривањето на локалитетот, па се досега нуркачите секоја година по дваесетина дена истражувале под вода.

"Со првите мерења констатиравме дека подводниот локалитет се протега на 130 метри во ширина и на 70 метри во правец на езерската шир. Крајната граница на населбата се наоѓа на околу пет метри длабочина. Најдовме некои предмети дури и на длабочина од триесет метри. Измерени се околу шест илјади колја, што значи дека населбата, најверојатно, била подигната дел на вода, но и на суво. Дел од предметите што ги најдовме најпрво беа обележани, фотографирани, а потоа конзервирани и однесени во музеј. Другиот дел остана на езерското дно", кажува Милутин Секуловски.

Археолозите инсистирале да се навлезе и подлабоко во езерското дно, бидејќи сакале да ги испитаат и останатите слоеви од археолошкиот материјал. "Во истражувањата на подводната населба многу ни помогнаа и специјалните единици на АРМ и на МВР, кои имаат свои нуркачи и опрема. Во еден момент ние употребивме и посебна сонда, која даде драгоцени податоци за локалитетот. Археолозите вршат анализи на материјалот што ние им го доставивме", појаснува нашиот соговорник.

Нуркачот Милутин Секуловски малку е загрижен што подводниот град не е посебно обезбеден од ловците на богатство. Вели дека малкумина го знаат локалитетот, но фактот што се наоѓа на релативно мала длабочина го чини достапен и за недобронамерните. "Со реконструкцијата на наколната населба, која веќе е најавена, целиот археолошки локалитет, конечно, ќе биде заштитен", смета Секуловски.

link